Во потрага по оружје: Ја претставуваме првата жена-водач на службено куче
Заедно со нејзината енергична партнерка од единицата К9, 5-месечната Ада од расата белгиски овчар (малиноа), Кристина Шикова до летово ќе излезе на терен да извршува должности за откривање. Кристина поминува обука за да стане водач на службено куче, со што ќе биде првата жена во Северна Македонија на ваква позиција.
Иако Ада знае да ги следи командите на Кристина со топче, таа сега учи како да душка автомобили со намера да открива. За само неколку месеци, Ада ќе може да ги извршува нејзините должности на куче-душкач со врвна прецизност, особено при откривањето огнено оружје и муниција.
Напорите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за зајакнување на капацитетите за откривање на Единицата за службени кучиња е дел од потфатот за зајакнување на контролата на оружје во Југоисточна Европа. Зајакнувањето на капацитетите за откривање дава значаен придонес кон пошироката цел за подобрување на безбедноста и намалување на пролиферацијата на оружје во регионот.
Кристина шест години е дел од полицијата, но сакаше да работи во Единицата за службени кучиња уште од самиот почеток. Кога се отвори работното место, таа веднаш аплицираше. „Сѐ уште имам измешани чувства не ми се верува, возбудена сум, сакам да го работам тоа, пред сѐ ми претставува задоволство и не го гледам како работа“, изјави Кристина за моментот кога ја дозна добрата вест за нејзиното именување во јануари.
Нејзината обука вклучува социјализација, послушност, контакт со назначеното службено куче, теоретски и практични делови, како и физички задачи. Кристина очекува да научи многу од работата и има за цел да биде одлична како водач, а потоа да напредува како инструкторка со што активно ќе им помага на новите службеници и ќе им биде пример.
Повикувајќи се на нејзините достигнувања, Кристина се залага за зголемена различност во органите на редот и потребата за повеќе жени во полицијата, притоа препознавајќи ја нивната улога во градењето доверба кај заедницата. Таа охрабрува повеќе жени да се пријават за работа во Единицата за службени кучиња бидејќи знае колку од нив ги поседуваат поттик и посветеност потребни за работата.
Мисијата активно промовира родова активност преку иницијативи кои ги поддржуваат жените во органите на редот, обезбедувајќи обука и поддршка, и преку застапување за инклузија на жените во полицијата. Од 2018, Мисијата тесно соработува со Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија со цел да се спроведе родово сензитивно полициско работење преку сеопфатна родова менторска програма.
Искуството на Кристина, заедно со нејзината партнерка од единицата К9, Ада, служи како инспирација за жените кои размислуваат за кариера во органите на редот и во Единицата за службени кучиња – кауза која Мисијата на ОБСЕ во Скопје со гордост ја поддржува.
За напорите да се подобрат капацитетите за откривање мало и лесно оружје
Подобрувањето на капацитетите за откривање спаѓа под проектот на Мисијата од вон-буџетски средства „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје (МЛО)“. Финансиран од Белгија, ЕУ, Франција, Германија, Норвешка, Словачка и САД, проектот овозможува значителен напредок во однос на подобрувањето на капацитетите за откривање на Единицата за службени кучиња во земјата. Дознајте повеќе за проектот за мало и лесно оружје овде.