Мисијата на ОБСЕ во Скопје промовира истражување за факторите на стрес кои влијаат врз полициските службенички на работа
Денеска, на Меѓународниот ден на жената, заедно со Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и алумни од менторската програма за жени во полиција поддржана од ОБСЕ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираше дискусија за препознавање и надминување на симптомите на стрес кај жените во полицијата.
Истражувањата покажуваат дека полициски службенички се соочуваат со уште поголем стрес од нивните машки колеги поради негативните јавни коментари од граѓаните, постојаната потреба да се докажуваат на работа и потребата да балансираат меѓу обврските како службенички, сопруги и мајки. Помагањето на службеничките да се справат со стресот поврзан со работата е од суштинско значење за да останат во професијата.
„Заедно со Министерството за внатрешни работи, ние во Мисијата на ОБСЕ во Скопје работиме да ги поддржиме жените во полиција, да се погрижиме да напредуваат во нивните чинови, да останат во професијата и да придонесуваат за јавниот ред и безбедност. Верувам дека практиките за фер регрутирање, образовните понуди, вклучително и за тоа како да се справиме со стресот, солидните работни услови и дигитализацијата ќе помогнат да се активираат промените, да се привлечат и задржат повеќе жени во полицијата во која доминираат мажи“, рече Шефот на нашата Мисија, амбасадорот Клеменс Која, за време на дебатата.
„Општеството оди напред само со еманципирани, економски силни и независни жени и девојки и ние ветуваме дека ќе продолжиме да работиме во оваа насока. Само така, преку заеднички напори и учество во соодветните процеси, ќе го зајакнеме општеството еднакво за сите“, додаде Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Северна Македонија.
„Ние како прогресивна држава која се стреми кон родова еднаквост континуирано работиме на привлекување повеќе жени во полициската професија. За да постигнеме резултати, продолжуваме да ги елиминираме бариерите што ги спречуваат жените да се приклучат на агенциите за спроведување на законот. Резултатите се веќе видливи, а работата во оваа насока останува еден од врвните приоритети за нас“, заклучи Магдалена Несторовска, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.