Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поддржува властите во развивање на платформа за подобро справување со миграциските прашања
СКОПЈЕ, 13 март 2018 – Развивањето платформа за директна координација и комуникација помеѓу органите на прогонот и сите инволвирани владини институции е клучно за подобро справување со потенцијалните кризни ситуации со миграцијата, изјавија учесниците на тркалезната маса, поддржана од Мисијата на ОБСЕ, којашто се одржа денес во Скопје.
На дискусијата присуствуваа околу 35 претставници на државни институции, национални агенции, меѓународни организации и невладини организации кои изнесоа препораки за детален План за вонредни состојби во областа на миграцијата.
„Ќе продолжиме да ѝ помагаме на земјата да се подготви за евентуални миграциски кризи, помагајќи им на националните власти во развивањето на национален план заснован на најдобрите меѓународни практики и насоки“, рече Марија де Бенито Родригез, советник за мигранти и безбедност на бегалци при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, рече: „Миграцијата се провлекува низ годините и миграциската криза која произлегува од таквите движења покажа дека навистина е тешко, речиси невозможно, да се пронајде унифициран и стандардизиран одговор на сите миграциски текови, бидејќи секое движење на луѓе и секоја евентуална криза е специфична и карактеристична по различни елементи и предизвици својствени токму за таа криза.“
„Особено ми е драго што Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја организира оваа тркалезна маса каде што сите може да разговараме и да развиеме подобар и посеопфатен План за вонредни состојби во областа на миграцијата, врз основа на искуството стекнато во текот на годините.“
„Успешното справување со миграциската криза, кое беше потврдено од неколку меѓународни извештаи, не би било можно без голема донаторска помош,“ рече Елена Грозданова, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика. „Секако, за повеќе од милион луѓе кои поминаа преку земјата, може да заклучиме денес дека заштитата и хуманитарната поддршка кои им беа понудени беа на задоволително ниво.“
Денешната дискусија е дел од активностите на Мисијата за промовирање на пристапот заснован на жртвата и човековите права кон справување со предизвиците кои ги носат миграциските текови.