Подобрување на соработката помеѓу органите за спроведување на законот и Еврејската заедница во Северна Македонија во фокус на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР
Учесниците дискутираа како да се подобри соработката помеѓу нив со цел подобро да се справат со сегашните и потенцијалните безбедносни предизвици во заедницата, како што се загриженоста што произлегува од злосторствата од омраза, антисемитските теории на заговор и антисемитската пристрасност.
„Дискриминацијата, злосторствата од омраза се сериозни проблеми во овој регион и претставуваат потенцијална закана за подобрувањето на меѓуетничките односи. Помеѓу 2013 и 2021 година, во оваа земја, граѓанските организации имаат регистрирано повеќе од 800 инциденти од злосторства од омраза, од кои 25 се сторени поради верско уверување или припадност на жртвите. Два од овие инциденти вклучуваат сериозни антисемитски закани“, рече Џеф Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во своето обраќање пред учесниците на настанот.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пред учесниците рече:
„Вистинските вредности на едно општество доаѓаат од способноста да се прифаќаат и почитуваат различностите, да се препознаат и негуваат поединците како и општеството во целина, да се заштитат, прифаќаат и негуваат човечките надежи, стремежи, перспективи и амбиции. Во суштина, моќта на една заедница лежи во способноста да не доминира над другите“.
„Државните институции се обврзани да бидат внимателни, особено во креирањето на политиките за човекови права и слободи, во борбата против антисемитизмот и расизмот и за глобалното дејствување против говорот на омраза. Но исто така, за брз и ефективен одговор на сите обиди за предизвикување на каква било омраза“, додаде Спасовски.
Претседателот на Еврејската заедница, Перо Леви, истакна дека антисемитизмот не ги засега само Евреите, туку и општеството во целина, и „со оглед на моменталната ситуација со здравствената криза и Ковид-19 пандемијата, како и најновите случувања во Украина, сведоци сме дека говорот на омраза, нетолеранцијата и антисемитизмот сè повеќе се шират преку социјалните мрежи“.