Мисијата на ОБСЕ во Скопје со поддршка на процесот на анализа на Охридскиот рамковен договор
СКОПЈЕ, 29 септември 2015 – Евалуација на улогата на Охридскиот рамковен договор (ОРД) за подобрување на социјалната кохезија е целта на процесот на анализа, поддржан од ОБСЕ, кој беше презентиран денеска во Скопје. Анализата се фокусира на борбата против дискриминацијата, децентрализацијата, образованието, правичната застапеност, употребата на јазиците и бројно помалите заедници.
Секретаријатот за спроведување на ОРД, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Европскиот институт за мир, ја координира работата на шесте тематски работни групи со претставници од релевантните министерства и институции, кои работат на анализи и препораки кои ќе бидат претставени на почетокот од ноември и отворени за консултации со граѓанскиот сектор, академската заедница и политичките партии.
„Овие клучни интеграциски политики треба сè уште да се развиваат и спроведуваат, и се надеваме дека процесот на анализа на ОРД, на кој неодамна повторно почна да се работи, е вистинскиот начин за тоа,“ рече Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорката Нина Суомолајнен.
Вицепремиерот Муса Џафери додаде: "Анализата на Охридскиот рамковен договор ќе послужи во градењето политики кои водат кон подобри меѓуетнички односи и ќе придонесе за социјална кохезија, што е предуслов за приближување на земјата кон европската интеграција."
Процесот на анализа на ОРД е во согласност со препораките на Прибе и Акциониот план на Владата за приоритетните реформи во однос на меѓуетничките прашања. Овој процес е исто така одблизу следен од Европската комисија, која во извештаите за напредокот на земјата ја истакна потребата да се комплетира процесот на анализа на ОРД.