Напредокот постигнат во 2016 г. загрозен – продолжената политичка криза ѝ штети на земјата и на народот
Се враќам во Скопје со една порака – напредокот постигнат во 2016 година ќе биде загрозен без политичка стабилност. Продолжената политичка криза е штетна за земјата и му штети на народот.
Двегодишна политичка криза не само што ги забавува реформите, туку и се заканува да добие меѓуетничка и регионална димензија, нешто што земјата не смее да си го дозволи, а ниту пак регионот.
За да се зачува демократијата, резултатите од изборите мора да се почитуваат
Предвремените избори во декември 2016 година генерално се сметаа како можност да се сврти страницата и да се продолжи понатаму. Тоа сè уште не се случило.
Граѓаните излегоа масовно да гласаат, некои гласаа по етничка линија и нови партии влегоа во собранието. Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) оцени дека денот на изборите беше генерално добро спроведен и се одвиваше без поголеми инциденти.
Меѓутоа, пост-изборниот период се покажа проблематичен, означен со новa политичка безизлезност, по одлуката на претседателот Иванов да не го даде мандатот за формирање на влада на опозицијата, иако таа имаше обезбедено мнозинство во Собранието.
Многумина, вклучувајќи ме и мене, изразија длабока загриженост за овие неодамнешни случувања. Институциите на земјата мора да најдат начин да продолжат понатаму врз основа на резултатите на декемвриските избори, формирајќи влада согласно демократските принципи и стандарди и во согласност со владеењето на правото.
Ова е време кога политичките лидери треба да преземат одговорност и да покажат дека постапуваат согласно долгорочниот интерес на земјата, а не само во интерес на нивната партија.
Фундаменталните правила на демократијата треба да преовладаат
Почитувањето на фундаменталните правила на демократијата, вклучително и владеењето на мнозинството согласно правната рамка, е она што луѓето го очекуваат откако ќе го дадат својот глас.
Различни земји во регионот на ОБСЕ имаат различни практики и различни модели на владеење, но општото правило кое што се применува насекаде во просторот на ОБСЕ е дека кога една политичка партија или коалиција има мнозинство на пратеници во собранието, таа ги презема обврските на владата.
Не дозволувајте провокативните пораки да разгорат меѓуетнички тензии
Неодамнешните провокативни пораки на некои политички субјекти, тврдењата дека унитарноста и суверенитетот на државата се загрозени и етничките инциденти и слогани се загрижувачки.
Во исто време, лидерите од регионот треба да бидат одговорни и да се воздржуваат од изјави или други иницијативи кои би можеле да доведат до влошување на ситуацијата. Тензиите меѓу државите поради меѓуетничките односи и прашањата на националните малцинства не се нешто ново за ОБСЕ. Врз основа на практичното искуство при работата на овие прашања Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства ги изготви Препораките од Болцано/Боцен за националните малцинства во меѓудржавните односи во 2008 година. Овие препораки служат како насоки за решавање на прашањата кои се однесуваат на националните малцинства во контекст на меѓудржавните интереси, за заштита и промовирање на правата на лицата - припадници на националните малцинства, спречување конфликт и зајакнување на добрососедските односи.
Да не заборавиме дека меѓународната заедница играше клучна улога во повторното воспоставување на стабилноста и безбедноста во земјата, во време на поделби и немири. Како дел од овој заеднички напор, уште од 2001 година, ОБСЕ е посветена на поддршката и имплементирањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД) кој го обезбеди мирот и го трасираше патот за подобрување на правата на заедниците во земјата, паралелно со одржувањето на унитарноста на државата.
ОРД и понатаму е солидна основа за заштита и унапредување на правата на заедниците. Сепак, за кохезивни меѓуетнички односи потребна е постојана заложба за разноликост и постојано внимание и напори од страна на државните институции и чинителите. Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Високиот комесар (ХЦНМ) и понатаму се подготвени да нудат помош согласно заложбите на ОБСЕ и најдобрите практики.
Добрите меѓуетнички односи се суштински за стабилноста не само на оваа земја, туку на целиот регион.
Добро познатиот прв висок комесар, Макс ван дер Штул забележа дека интегрирањето на разноликоста и градењето плурални општества бара свесност дека „интересите на мнозинството и малцинството не се исклучуваат меѓусебно“ и дека „заштитата и промовирањето на еден идентитет не мора да се случува на штета на [идентитетот] на другиот”.
Интересите на граѓаните на прво место
Сега е време институциите на земјата и политичките лидери да постапуваат во интерес на сите граѓани, кои споделуваат надеж за стабилна, просперитетна и демократска иднина без разлика на нивното етничко потекло.
Сега е време политичките лидери да направат сè што е во нивна моќ, да спречат ескалација на тензиите и продлабочување на кризата.
Сега е време целиот фокус да се стави на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на изразување и слобода на медиумите, демократското владеење, слободни и правични изборни процеси, меѓуетничките односи, образованието и градење на капацитетите на државните институции. ОБСЕ може да ви помогне. Тоа е нашата улога и ве охрабрувам да ја искористите.
Живеете во регион кој е богат со разноликост. Високиот комесар на ОБСЕ (ХЦНМ) еднаш го поздрави локалното население, од сите етникуми, за извонредната единственост која истото го покажа во различни ситуации. Не ја заборавајте важноста и моќта на таквото единство. Тоа треба да биде инспирација за понатамошен развој.
Автор е Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Овој текст е објавен во весниците Утрински весник и Коха.