Натпревар поддржан од ОБСЕ ги предизвикува насилните екстремистички наративи преку уметноста
Берлин, 31 мај 2016 – Со цел да испрати силна порака против насилниот екстремизам, ОБСЕ во соработка со eYeka - глобална заедница на талентирани автори, започна натпревар по дизајн, најави генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер. Под хаштагот #LetsDoodle, на натпреварот се поканети уметници и дизајнери за да изработат цртан лик кој ќе го предизвика бинарното, „ние против нив“, црно-бело размислување, кое често го поткрепува наративот на насилните екстремисти.
„Треба да вклучуваме млади луѓе како партнери во нашите заложби – да навлеземе во нивната креативност и да ги охрабриме да ја користат својата енергија за заштита на нивните врсници, фамилии и заедници од насилниот екстремизам,“ рече амбасадорот Заниер, најавувајќи го натпреварот на отворањето на Конференцијата против тероризам, во Берлин во 2016 г.
Учесниците ќе бидат во можност да ги постават своите творби на интернет до 19 јуни на www.osce.org/letsdoodle. На четирите најдобри творби, по избор на жири-комисија составена од вработени на ОБСЕ, ќе им бидат доделени награди во износ од 3.000 евра.
Натпреварот е отворен за учесници кои доаѓаат од 57-те земји-членки на ОБСЕ како и 11 партнери од Азија и Медитеранот, вклучувајќи ги и граѓаните од регионот на ОБСЕ. Повеќе детали за правилата и условите за натпреварот се достапни тука.
Натпреварот се одржува како дел од јавната кампања Заедно со ОБСЕ против насилниот екстремизам (#UnitedCVE). Кампањата која започна во јуни 2015 г., го нагласува широкиот пристап на ОБСЕ во борбата против насилниот екстремизам и радикализацијата кои водат кон тероризам и го зајакнува глобалниот консензус против ваквата закана. Следете ја кампањата на Twitter за повеќе информации во врска со натпреварот.