Специјалниот претставник на ОБСЕ при посетата на Скопје ги поздрави напорите на властите во борбата против трговијата со луѓе
Скопје, 26 март 2015 - Специјалниот претставник на ОБСЕ и координатор за борба против трговија со луѓе, Амбасадорката Мадина Јарбусинова, на крајот на четиридневната посета на земјата, ги пофали властите во земјата, кои со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вложија особени напори во борбата против модерното ропство.
За време на посетата Специјалниот претставник имаше средби со владини претставници, како и со претставници на невладини и меѓународни организации.
"Ги поздравувам напорите на владата за хармонизирање на националната правна рамка во согласност со меѓународните стандарди", рече Амбасадорката Јарбусинова. "Исто така, би сакала да ги охрабрам властите да продолжат со работа на раната идентификација на жртвите, особено оние кои припаѓаат на ризичните групи. Овој процес треба да ги вклучи сите засегнати страни, како што се трудовите инспектори, граничната полиција и невладините организации, коишто многу често се меѓу првите кои стапуваат во контакт со потенцијалните жртви ".
Секоја година Специјалниот претставник спроведува серија посети на земјата со цел да се споделат знаења и добри практики во борбата против трговијата со луѓе и да се пренесат препораки на земјите. Ова е нејзина прва посета на земјата, која е истовремено земја на потекло, транзит и дестинација за жртвите на трговијата со луѓе, особено на малолетници.
Таа, исто так,а ја поздрави желбата на владата да формира Државен фонд за надоместок. "Надоместокот претставува клучен дел од процесот на рехабилитација на жртвите. Средствата заработени преку криминал може да се одземат, конфискуваат и да се искористат за компензација на овие жртви ", рече Амбасадорката Јарбусинова.
Меѓу другите Амбасадорката Јарбусинова оствари средби со Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска; Јавниот обвинител, Марко Зврлевски; Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи и Национален координатор, Анастасија Илиеска и со Националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти, Киро Тодоровски.