Министерот за надворешни работи на поранешна југословенска Република Македонија Никола Попоски се обрати пред Постојаниот совет на ОБСЕ за политичката ситуација во земјата
ВИЕНА, 11 јуни 2015 - Министерот за надворешни работи на поранешна југословенска Република Македонија, Никола Попоски, денес при неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, ги потврди заложбите на неговата земја кон европската и Евро-Атлантската интеграција. Исто така, тој истакна дека интеграцијата во Европската Унија е од витално значење за земјата.
"Земјата се соочува со сериозни политички предизвици што мора да се решат институционално и во согласност со принципите на демократијата и владеењето на правото", рече Попоски. "Ние поминуваме низ внатрешна политичка криза, која бара внатрешни решенија." Тој истакна дека настаните во Куманово не се поврзани со меѓуетничките односи притоа додавајќи дека "настаните сериозно ја разнишаа стабилноста на земјата и на регионот".
Зборувајќи за средбата во Брисел организирана од Европската комисија на 10 јуни, Попоски потврди дека политичките лидери постигнаа прелиминарен договор за одржување на предвремени избори во април 2016 година и за спроведување на насоките чија цел ќе биде зајакнување на довербата во институциите и враќање на нормалните политички процеси во земјата.
Во своето обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, Специјалниот претставник на српското претседателство за Западен Балкан, Амбасадорот Жерар Студман, рече: " Тековниот дијалог помеѓу политичките чинители е првиот позитивен чекор кој треба да доведе до враќање на довербата во институциите на државата. ОБСЕ, особено поради тоа што е присутно во земјата, е подготвено да ги поддржи партиите во спроведувањето на договорот."
Исто така, беше истакнато дека Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) би имало важна улога во набљудувањето на изборите, а Мисијата на ОБСЕ може да понуди помош во тој процес.