Прва помош за полициски кучиња
Исто како и луѓето, службените кучиња ги ризикуваат своите животи во полициските операции и бараат итна прва помош кога се повредени. Брзата реакција од нивните водичи може да им го спаси животот на овие добро тренирани и лојални животни.
Денес започнува првата регионална обука за грижа и прва помош на службени кучиња. Преку ваквата иницијатива, водичите на службени кучиња и експерти од пет јурисдикции ќе се сретнат за да ги унапредат своите вештини за подобрување на работата со кучиња, нега на кучиња и нивна прва помош.
Учесниците ќе добијат практична обука од експерти на Германската федерална асоцијација на кучиња за спасување, една од најискусните и најголемите организации во Европа, која работи со кучиња за пребарување и спасување.
Толкување на говорот на телото на кучето, прва помош за повредени кучиња и други реални сценарија за тренирање, ќе бидат предмет на 5-дневната обука што ќе се одржи во новоформираниот Центар за обука на полициски кучиња во Ѓорче Петров.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи се домаќини на оваа обука, која претставува клучна компонента на напорите на Mисијата на ОБСЕ за подобрување на капацитетите на Единицата за службени кучиња во земјата и регионот. Програмата ќе ја подобри соработката во заедничките акции на службените кучиња низ Западен Балкан, а учесниците ќе се здобијат со вештини и знаења неопходни за успешно извршување на важни задачи како што се гранична контрола, откривање на нелегално оружје и спречување на нивна злоупотреба.
Новиот најсовремен Регионален К9 Центар за обука и сертификација, основан со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има капацитет од 40 оградени боксови за кучиња. Центарот е во согласност со највисоките стандарди за благосостојба на животните, спречување на болести, професионални практики за ракување со кучиња и воспоставување на соодветни стандарди за сместување.