За подобро полициско работење: Регионална конференција за унапредување на родовата еднаквост во рамките на органите за спроведување на законот
СКОПЈЕ, 7 март 2024 – Родот и безбедноста се во центарот на вниманието на конференцијата организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во Скопје на 7 и 8 март. На конференцијата учествуваат органите за спроведување на законот од регионот со цел да разменат искуства и најдобри практики за постигнување родова еднаквост во рамките на органите за спроведување на законот.
„Северна Македонија воведе многу успешна Програма за родово менторство со наша поддршка“, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Од 2018, со оваа програма процентот на жени на виши раководни позиции во полицијата се зголеми за 18 %. Силно веруваме дека овој успех може да се реплицира и на друго место.“
„Повеќе истражувања покажуваат дека жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените во полицијата, и тоа на сите нивоа, само ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Затоа што на таков начин се засилуваат внатрешната кохезија и потенцијалот на безбедносните институции“, изјави претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање на конференцијата.
„Добро е што не почнуваме од нула. Мисијата на ОБСЕ дава поддршка преку Програмата за родово менторство, што веќе почнува да дава резултати и да носи промени во институционалната култура на Министерството за внатрешни работи. Но, оваа програма не треба да биде само еднократна активност, туку дел од стандардната институционална обука во Министерството“, додаде тој.
Во неговото обраќање, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги поздрави напорите на Мисијата на ОБСЕ за подигањето на јавната свест за јазот кој „сè уште постои меѓу мажите и жените во безбедносните професии, но воедно и за конкретните заложби кои ги преземаат за надминување на овој проблем.“
„Борбата за давање моќ на вработените жени во полицијата продолжува и понатаму. Нашите колешки и колеги ја водат таа борба токму преку континуиран развој и унапредување на нивното знаење со цел жените во полицијата да станат повидливи, токму преку Програмата за родово менторство поддржана од ОБСЕ“, изјави министерот Тошковски. „Преку програмата беа обучувани околу 150 учесници за различни работни вештини и преку која се зголеми свесноста во Министерството за внатрешни работи за родовата различност и за еднаквата вклученост на жените во полицијата.“
Директорот на ОБСЕ/ОДИХР, Матео Мекачи, изјави дека безбедносниот сектор може да одговори на различните безбедносни потреби на општествата единствено кога ќе обезбеди родова еднаквост во рамките на своите институции преку инклузивна работна средина во која различноста е добредојдена.
„Институциите за спроведување на законот мора да се стремат да станат родово еднакви работодавци и ова значи негување различност на работното место и водење грижа дека вработените, без оглед на нивниот род, да ги уживаат истите можности и придобивки и да се значајно вклучени во работата на самите институции. Сепак, и покрај растечкиот број на службенички присутни во институциите за јавна безбедност, жените во голема мера се сѐ уште недоволно застапени во овој сектор, посебно на повисоко ниво“, изјави Мекачи.
Учесниците, претставници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, покажаа силна посветеност за продолжување на напредокот кон родова еднаквост во органите за спроведување на законот, препознавајќи ја важноста од соработка, обуки и меѓународна поддршка.