Регионалната конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“ се одржува во Скопје со поддршка на Мисијата на ОБСЕ
Не се работи само за бројки во однос на родовата еднаквост во собранието. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отворија регионалната конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“ со која се одбележа 20-годишнината на Клубот на пратенички.
На конференцијата присуствуваат претставници на Собранија и на теренските операции на ОБСЕ од Југоисточна Европа заедно со претставници на меѓународни организации, невладини организации и независни експерти.
Во своето обраќање, амбасадорот Вал ја истакна потребата за вклучување на мажите-пратеници во родовата перспектива и за тоа дека напорите за унапредување на родовата еднаквост треба да се протегаат вон бројките за проценти.
„Знаеме од истражувања и студии дека земјите со повисока родова еднаквост се поуспешни. Попросперитетни. Поиновативни. Побезбедни. Државите со повисока родова еднаквост уживаат повисок животен стандард и обезбедуваат подобра иднина за нивните деца. За тоа се работи. ‘За луѓето се работи’, како што знаете тоа е мотото на претседателството на Северна Македонија“, рече амбасадорот Вал.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави: „Потребно е понатамошно промовирање на различностите во работата и законите кои ги носи Собранието. Од исклучително значење е зголемувањето на поддршката на колегите пратеници за прашањата за родот и различностите. Притоа, не мислам само на бројчано зголемување, мислам на квалитативен придонес и конкретна заложба за да имаме вистински модерен и родово сензитивен парламент според дефиницијата на Интерпарламентарна унија.“
„Родовата еднаквост е битен параметар за севкупната демократичност на одредено општество и неговите перформанси во заштитата и промовирање на човековите права во целина. Сето тоа подразбира пред сѐ свест за потребата од поголема вклученост и учество на жената во сите процеси и во секој општествен домен, што резултира со нејзина поголема застапеност во секој сегмент“, рече во своето обраќање заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Теренските операции на ОБСЕ во регионот традиционално го поддржуваат организирањето регионални конференции на пратенички.
Партнерството помеѓу Мисијата и Собранието на Северна Македонија, посебно Клубот на пратенички, резултираше со разни успешни иницијативи во изминатиот период, вклучително и усвојувањето на повеќегодишните Родови акциски планови на Собранието.