ОБСЕ и делегацијата на ЕУ во Северна Македонија отпочнаа проект за мониторинг на судењата на случаи со корупција и организиран криминал
СКОПЈЕ, 28 јули 2021 - Мисијата на ОБСЕ во Скопје отпочна проект, финансиран од ЕУ, за поддршка на поефективно спроведување правда преку мониторинг на судења на случаи со корупција и организиран криминал во Северна Македонија. Овој тригодишен проект е дел од регионалната иницијатива спроведувана од страна на теренските операции на ОБСЕ во Тирана, Подгорица, Скопје, Сараево и Приштина.
Набљудувачите на судењата во проектот ќе изготват препораки со цел да им помогнат на судовите, обвинителството и органите за спроведување на законот да ги зголемат своите капацитети за борба против корупцијата и организираниот криминал кои се закана за долгорочната стабилност и просперитет во регионот. Целта на проектот не е да се набљудуваат поединечни случаи, туку да се идентификуваат системски празнини кои треба да се адресираат.
„Со проектот ќе се изготват препораки кои ги идентификуваат системските прашања во процесирањето на случаите со организиран криминал и корупција“ изјави Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Набљудувањето на судењата започна минатата седмица и ќе продолжи до декември 2023. За ова време, Мисијата ќе набљудува приближно 50 случаи со организиран криминал и корупција од средно и високо ниво“.
Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на ЕУ изјави: „Кривично-правниот систем игра клучна улога во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Проектот има за цел да ги поддржи ваквите напори преку воспоставување систем на набљудување судења дизајниран да ги идентификува системските слабости во управувањето со случаите во рамките на кривично-правниот систем. Со тоа, не само што ќе се зајакне ефективноста на судовите, туку и ќе се испрати силен сигнал дека не постои неказнивост за оние кои се инволвирани во корупција и организиран криминал.“
Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека проектот би бил предизвик за македонскиот судски ситем, но исто така и тест. „Реформите на кои интензивно работиме и сите законски измени кои се направени, не се само на хартија и навистина функционираат во пракса - ова е значаен исчекор напред во борбата против корупцијата, којашто бара силна поддршка и вклученост на сите засегнати страни.“