Мисијата на ОБСЕ во Скопје и нејзините партнери повикуваат на проактивен пристап за превенција од семејното насилство
Скопје, 6 април 2020 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ги повикуваат релевантните актери да вложат дополнителни напори за превенција од семејното насилство за време на ковид-19 кризата и да применат ефективни механизми за заштита на жртвите.
„Во овие тешки времиња, медиумите треба да го интензивираат известувањето за ризиците од семејното насилство и да ги нагласат постечките можности за поддршка со што жртвите ќе дознаат каде може да се обратат за помош,“ рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која. „Важно е граѓанските организации да останат достапни за потенцијалните жртви, додека државните институции, вклучително полицијата и центрите за социјална работа, да работат на намалување на ризикот од семејно насилство преку спроведување на информативни кампањи и овозможување непречено функционирање на центрите за поддршка на жртвите од семејно насилство за време на кризата.“
Според Истражувањето на ОБСЕ за насилство врз жените во Северна Македонија од 2019 година, 45% од жените во државата искусиле психолошко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер, додека само 2% од жртвите ги пријавуваат најсериозните инциденти во полиција. Главни причини за ова се срам, финансиска зависност од партнерите, недоверба во институциите и страв од повторување на насилството, како и традиционалното верување дека семејното насилство е лична работа.
„Жените и децата, како и другите членови на семејството, се предмет на психичко, физичко и сексуално насилство,“ вели Санела Шкријељ, заменик министерка за труд и социјална политика на Северна Македонија. „Во состојби на стрес и домашна изолација насилството може дополнително да ескалира. Владата ја зголеми достапноста на сервисите за жртвите од насилство низ земјата. Потенцијалните жртви можат да се обратат за помош на СОС линиите 02-15700 и 02-15315. Никој не треба да се чувствува дека е оставен сам на себе.“
Елена Димушевска, директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство вели дека кризната состојба може да го зголеми бројот на случаи на семејно насилство. „Нашата организација отвори дежурни линии за да им даде помош и поддршка на жртвите во форми на бесплатна правна помош (071 464 019), психолошко советување (075 255 154) и советувањеза правата за социјална заштита (071 324 223). Ги охрабруваме сите жени кои се соочуваат со било каква форма на семејно насилство или насилство од својот партнер да нѐ контактираат. Ги повикуваме сите надлежни институции да им дадат највисок приоритет на пријавите на семејно насилство и да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите“.