Презентација на наоди од анализата на законската рамка за регистрација на нерегистрирани лица во Скопје
СКОПЈЕ, 8 јуни 2018 – Владини претставници и претставници на граѓанското општество учествуваат денес во Скопје на настан во организација на ОБСЕ на кој се разговара за наодите од анализата поддржана од УНХЦР за постоечката законска рамка за регистрација на нерегистрирани лица.
Во текот на настанот, во организација на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, учесниците разменија гледишта за законските и административните измени кои треба да ги претрпи законската рамка за да се обезбеди регистрација на нерегистрираните лица, вклучително и децата.
„Сметаме, дека e многy важно да се реши проблемот со регистрација на лица без државјанство, особено бидејќи овој проблем станува генерациски проблем при што децата на овие луѓе не можат да бидат регистрирани“- рече в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн.
Јована Тренчевска, државен секретар на Министерството за труд и социјална политика, рече дека добивањето лични документи е суштинско за остварувањето на основните човекови права на граѓаните.
„Заедно со Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи ќе ги земеме предвид сите предлози и иницијативи кои произлегуваат од анализата кои овозможуваат регистрација и издавање на првите изводи од матичната книга на родените на сите лица родени во земјата, за целосно остварување на нивните гарантирани права,“ таа додаде.
Шефот на Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладарин, рече: „Секој има право на националност“: ова е содржано во Универзалната декларација за човекови права. УНХЦР се залага за помош на земјите во искоренување на појавата на лица без државјанство до 2024 г. Воспоставувањето на правилото за регистрација на секое раѓање е еден чекор во таа насока и анализата на законодавството е суштинско за идентификација на празнините и слабостите кои претставуваат пречка за луѓето да имаат пристап кон нивните основни човекови права, како што е нивното право на националност.“