Претседавачот на ОБСЕ, Дачиќ, со поддршка на реформите при посетата на Мисијата во Скопје
СКОПЈЕ, 18 февруари 2015 – Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска, при посетата на Мисијата во Скопје заедно со Високиот комесар за национални малцинства, Астрид Торс, понуди поддршка во градењето демократија и промовирањето на реформи.
Истакнувајќи ги заложбите на ОБСЕ, Дачиќ се осврна на важноста на подобрените меѓуетнички односи, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, владеењето на правото, и реформите во различните области на кои работи Мисијата во Скопје. Владината Стратегија за интегрирано образование и нејзината важност за меѓуетничките односи, исто така беа разговарани за време на посетата.
Дачиќ ја пофали работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, нејзината значајна поддршка на владата во унапредување на демократските реформи. "Србија е директно запознаена со значењето на Мисијата на ОБСЕ и поддршката и советите кои ги нуди во демократските реформи и интеграцијата на националните и етничките малцинства во јавниот живот. Треба целосно да се искористи тоа што ОБСЕ го прави.“
Земјите од регионот имаат значајна улога во промоција на регионалната соработка и зацврстување на меѓуетничките односи во Југоисточна Европа, рече Дачиќ. „Подобрување на условите за живот е целта кон која сите стремиме. Обновување на довербата и создавање на позитивна агенда за иднината е основниот принцип на српското претседавање. Мора да работиме во насока на обезбедување мир и стабилност во регионот, преку взаемно почитување, доверба и разбирање. Почитувањето на човековите права, толеранцијата и анти-дискриминацијата остануваат високо на нашата агенда,“ рече тој.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Ралф Брет, рече: „Мисијата целосно ги поддржува напорите кои се во насока на спроведување на потребните реформи, кои ќе го поплочат патот на земјата кон Евро-Атлантските структури. Обврските кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор продолжуваат да бидат основата на мандатот и активностите на Мисијата.“
За време на посетата, Дачиќ се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Муса Џафери, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје е третата мисија која ја посети Дачиќ. Тој планира да ги посети сите мисии во регионот на Западен Балкан.