Предизвиците за зајакнување на капацитетите на редакциите на помалите заедници во јавниот радиодифузер тема на тркалезната маса организирана од ОБСЕ во Скопје
СКОПЈЕ, 27 ноември 2017 година - Предизвиците за зајакнување на капацитетот на редакциите на помалите заедници во јавниот радиодифузен сервис и идните чекори беа во фокусот на тркалезната маса организирана од ОБСЕ денеска во Скопје.
За време на настанот на кој учествуваа државни претставници и претставници на медиумите, британскиот медиумски експерт Џонатан Стонман ја презентираше анализата нарачана од Мисијата за ситуацијата во редакциите на помалите заедници и предложи препораки за идните чекори.
„Правото на помалите заедници да имаат медиуми на свој јазик е дел од нивното основно право на слобода на изразување, а ние од Мисијата на ОБСЕ сакаме да помогнеме да се подобри нивниот пристап," рече заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн.
„Предложеното создавање на нов канал во јавниот радиодифузен сервис кој ќе емитува програма на јазиците на помалите немнозински заедници е предизвик, но неговото создавање ќе помогне во обезбедувањето подобри и објективни информации за сите граѓани на нивниот јазик, "рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, додавајќи дека медиумските здруженија и организации треба да бидат водечка сила во медиумските реформи.
„Потребна е меѓу-културна размена и комуникација меѓу редакциите на јавниот радиодифузен сервис, вклучувајќи ги и оние на помалите немнозински заедници, рече министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски. Тој рече дека промовирањето на културното и јазичното богатство на сите заедници е клучно за инклузивно општество. „Владата има волја да ги реши клучните проблеми во областа на медиумите , вклучително и во јавниот радиодифузен сервис.“
„Визијата за редакциите на јазиците на заедницата во јавниот радиодифузен сервис е целосно искористување на новите техники за емитување, известување и создавање стории,“ рече Стонман. „Користењето на каналите на социјалните медиуми за пренос на содржини и ангажирање на публиката е клучно. Ова може да се постигне со минимални финансиски инвестиции, барем во првата фаза“.